Инспирација · Кафехоличарка · Организација и мотивација

Продуктивно лето

Ете го! Конечно пристигна! Топло време, ведрина во воздухот, луѓе по улици и деца во маалото кои на цел глас викаат „Победа е наааашааа, тиквата е вааашааа!“ Лето. Учебната година официјално завршена, матури и полагања исто така, и сега може да започне опуштањето. Дури и оние кои не работат во просвета, го доживуваат распустот на свој начин. Наеднаш наоѓаат време да пијат и кафе со комшиката, да тркнат до пазар во сабота, па дури и ќе се изборат колешката да ги смени за да „утепаат“ еден викенд во Охрид. Од кога памтам за себе си, сите мои лета изгледале така.

Но, последниве неколку години забележав и една друга страна на летото – премногу време за ништо! Демек седи дома меѓу 11 и 17 часот- прежешко е за излегување, или онај проект што цело време си викаме дека „летово ќе го сработам сигурно“ останува пак да се турка за покасно бидејќи нели – абе има време сега! Но тоа време некако си тече. Еве веќе помина и пола од јуни месец и додека да трепнеш, пак ќе дојде септември и сите обврски одново ќе си заземат место.

Пред некој ден се најдов себе си како без компас, лутајќи по дома и не знаев што да правам со себе! Од една страна го имам на располагање цел ден, од друга пак ништо продуктивно не правам! Прочисти, зготви, излези, седи на кафе…. оди на друго кафе… па ајде и да каснеме нешто… оп, му се соспа на детето, ајде да си одиме дома, а утре сè повторно! Се најдов себе си во ситуација да не знам ни кој ден, ни кој датум е. Има луѓе што уживаат да функционираат така, но јас не сум една од нив.

Може да погодите што следува нели?! – Седнав и се обидов да склопам една стратегија, со чие следење би можела да го искористам денот ем продуктивно ем опуштено. Оди некако вака:

  1. Физичко планирање на денот: седнав, и направив детални листи, што во колку часот ќе направам. Почнав со домашните обврски кои некако ми побегнале: средување и вакумирање детска облека, па зимска облека; прередување на сите летни марами, шапки и костими за капење; пребришување на лустери; одмрзнување на фрижидерот… Ми ја сфаќате поентата. За секој ден во неделата имам по една-две задачи во домот кои морам да ги направам. Онај „најжешкиот“ период во денот е идеален за вакви работи, за да не се чувствувам бескорисно. Во планерот, покрај обврските ги внесов и сите работи кои би сакала да ги направам, а притоа да се опуштам, како што е…
  2. Утринска нега- вечерна нега на себе си: нема ништо поубаво, на жешко утро кога се будите како „замаени“, од ладна вода врз вашето лице! Секое утро, придружно на миењето заби, почнувам со миење на лицето со гел и ладна вода, чистење со мицерална вода, нанесување крема и секако крема за заштите од сонце. Брзинско средување на коса, пребришување на купатилото – и спремна сум за почеток на денот! Ноќите се слични (- крема за заштита од сонце, а + ноќна крема и крема за околу очите) што го прави самиот чин на одење во кревет посмирен, и со тоа ви обезбедува и полесен сон. Уште подобро влијае и млак туш, да се измие дневната „жештина“ која се налепила на вашето тело! Шминката преку лето сведете ја на минимум – нема ништо полошо од растечена пудра и згрутчена маскара на +36 степени!
  3. 45 минути физичка активност – секој ден: најголемата промена ова лето ми е одењето во теретана. Секој втор ден, 45мин до 1час – кардио и вежби фокусирани на проблематичните зони! Во деновите која не одам, вежбањето јога во домашни услови ми е спас. Ми обезбедува и физичка активност, меко растегнување, но и време посветено на моето ментално здравје, обнова на енергија, создавање подлабока врска со моето автентично јас и секако – чувство на исполнетост. Не велам дека секој треба да вежба активно секој ден – но, најдете начин секој ден да бидете физички активни, а тоа да не е одење до на кафе!
  4. Медитација и креативно искажување: за некои луѓе идеално време за овие активности е наутро, за други пак навечер. Во која група и да спаѓате – не заборавајте да го примените ова искуство. Заслужувате да поседите сами со себе барем 10 минути во денот. За почеток – доволни ви се: 5мин. медитација проследена со 5мин креативно искажување. За мене тоа е пишувањето, поконкретно водење на „утрински страници“ секое утро – дури и кога немам ништо паметно да кажам. За вас може да е цртање, сликање, фотографирање, пеење, свирење, танцување… изработка на накит, плетење, везење…. да не ги редам сега сите активности, ме разбирате. Откријте која е таа нишка, што кај вас буди креативност и посветете ѝ барем 5-10 минути во денот.
  5. Читање книги – конкретно: книги за продуктивност: долго време не ги сакав ваквите четива. Ми беа многу блиски до книгите за самопомош и сметав дека тоа е нешто што го читаат депресивните баби (без навреда). Но со тек на време, ги засакав оние книги кои во мене будат мотивација, продуктивност и инспирација. Книгите на Гречен Рубин, Робин Шарма, Наполеон Хил, но и Илина Ведран и Коста Петров, ми се едни од омилените. Има 1001 автор кој можеби ви „зборува“ токму вам преку неговото пишување, и тоа е одлично! Не мора таа книга или тој автор да припаѓа токму на овој жанр: целта е таа книга да го поттикне вашето критичко размислување , вашата креативност…да ве инспирира да бидете подобри личности и подобри верзии од самите себе. Ова може да го правите пред спиење, во „жешкото“, па дури и на плажа.
  6. Учење нова вештина: читањето книги е одлично за да научиме нешто ново, но зошто да не го зголемиме влогот и ова лето да научиме (или барем да се обидеме) една нова вештина. Учење јазик е една опција – има многу апликации кои може да ги користите, приватни (или групни) часови во некое училиште или онлајн – секогаш се добра опција. Учење на „физичка“ вештина како јога, боречка вештина, алпинизам…Учење “домаќински“ вештини (со големи наводници) како готвење егзотични и комплицирани јадење, или најобични полнети пиперки; шиење на машина или везење… Опцијата за посетување курс (или онлајн) на обуки за себе-развој, но и обуки за користење Фотошоп, фотографија, скицирање или баш сликање и цртање, се идеални за ова лето, особено за ВАС ТАЗЕ МАТУРАНТИ, кои сеуште не сте сигурни – што понатаму! Искористете ја оваа можност да истражите – пробате – па потоа одлучете!
  7. Најважно од сè: ментална присутност во секоја активност која ја спроведуваме! Не врвете ги деновите отсечени од она што се случува околу вас. Дури и најбаналните, секојдневни активности го заслужуваат вашето внимание. Честопати се имам приметено себе си како ми летнува денот- не знам ни кога, ни каде, ни како, ама не можам ни да се сетам што сум правела… Воопшто не го сакам тоа чувство! Затоа драги мои, мора активно да вежбаме да бидеме свесни и присутни во нешите денови, за да го избегнеме тоа чувство на бескорисност, отсутност и губење конторола.

Ви посакувам продуктивно, смирено, исполнето… едноставно волшебно лето!

Ве сака, Вашата Кафехоличарка

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.