Инспирација · Организација и мотивација

Дали вреди да сте будни во 5 наутро?! – Робин Шарма

Мислам дека секој од нас до сега слушнал за Робин Шарма. Ако вие сте дел од тие 0,1% кои појма немаат кој е тој – прогуглајте, и гарантирам дека ќе ви се промени животот. Неговите мотивациски книги, видеа, говори, се бестселери насекаде низ светот. Повеќето од неговите книги се движат во иста насока – како да се стремите кон животот кој го посакувате?! Но имаше нешто кај книгата „Клубот 5 наутро“ што се разликува од другите. Идејата да се стане член на „клуб“ кој изобилува со луѓе кои активно ги следат и остваруваат своите желби и соништа, е навистина идеја која привлекува. Читајќи ја, успеав да сфатам неколку работи: како да применам модели кои кај мене ќе разбудат и поттикнат креативност и дејствување, како да најдам инспирација во секојдневието и најважно од сè – како да ја вежбам волјата! Волјата и самодисциплината се клучните играчи во секој успешен подвиг! Тие се како мускули кои треба секојдневно да ги вежбаме, со цел да дадат оптимални резултати.

Она што морам да го искоментирам за оваа книга, од моја лична перспектива е следново: имајте на ум дека книгата е пишувана пред сè за „западњачкиот“ начин на живот. Работа од 9 до 5, слободни викенди и ноќи кои завршуваат прилично рано. Друго, таргет групата пред сè се самци. Овие правила тешко би ги спровела мајка на мали деца, татко кој работи повеќе од една работа или работи во смени, жена која има задача да се грижи за своите родители и слично. Не велам дека концептите се лоши или апсолутно неизводливи, но им треба „балканизација“. Последната работа што не ми се допадна е фактот што некои луѓе ја извлекуваат само следнава мисла: ако имаш пари – нормално е дека ќе си среќен, оти со нив ќе си ги решиш сите проблеми. Ова го видов во коментари пред да ја купам книгата, и откако ја прочитав сфатив зошто некои луѓе ја извлекле таа „поука“. Не велам дека се согласувам со таа мисла, но начинот на кој што е напишана книгата, претставена како патувачки роман на еден начин, каде главните ликови летаат во приватн авион низ светот, патуваат со обезбедување и си го купуваат влезот каде и да сакаат да појдат, на човек кој не е упатен во ваквите концепти, може да го натера да створи една аверзија спрема учењето на авторот. Јас лично не ја добив таа идеја и воопшо не ми пречеше таквата поставеност на книгата, имајќи предвид дека целта е практична примени на разработени модели, а не читање на „летно романче“. Но, доста се поплаки (иако не се многу), туку да видиме : дали вреди да станете член на Клубот 5 наутро?!

Со еден збор – ДА! Бенефитите од ранобудноста се познати надалеку и нашироко. Дури и наште баби и дедовци знаеле дека утрата секогаш ветуваат успешен ден, ако се зграпчат взори. Во нивно време тоа значело навремено работење на полињата, денес за нас значи зграпчување на животот кој ЗАСЛУЖУВАМЕ да го живееме.

Значи, што всушност е методот 5 наутро?! – Овој концепт бара од вас да „скокнете“ од кревет нешто пред 5 часот наутро за да го започнете денот. Шарма порачува дека утрата помеѓу 5 и 6 часот се најважни за човекот, и нуди научни поткрепи за ова тврдење, повикувајќи се на студии за нивоата на кортизол и серотонин во организмот. Се смета дека ваквата ранобудност претставува еден вид каталист за успешен и продуктивен ден, но и поздрав, поисполнет живот!

Шарма понудува неколку методи за тоа како правилно да го започенете денот, како да се натерата себе си да станете толку рано, како да го измамите префронталниот кортекс – за да не ве убедува да останете во кревет… Ве советува како навиката за рано будење да ја претворите во навика на убаво живеење, да применувате тактики за успех и после 5 часот наутро и слично. Од моја гледна точка – овие методи навистина функционираат, доколку успеете да ги вклопите во вашето задолжително секојденвие.

Она што јас забележав е дека дел од методите мора да се модифицираат зависно од тоа каде живеете и која улога ја имате во социо-економската заедница. Јас, како „тазе“ мајка во Македонија, со редовна работа, морав да најдам свој начин за адаптација на концептите. Иако веќе одамна се будам во 5 наутро (под „присила“ на мојот ранобуден синко) моите утра во принцип не беа многу продуктивни. Правилото 20-20-20 за успешнен „златен час“ ми помогна многу: 20 минути физичка активност, 20 минути за себе, 20 минути за надградба. Сепак, не го практикувам концептот најправилно, бидејќи има денови кога сум му попотребна на семејството и тие 20 минути за надградба се претвораат во 40 минути бркање по дома со цел да се смени пелена. Но во секој случај, ги направи утратата далеку попродуктивни и поисполнети. Онаму каде јас лично најмногу го „мамам системот“ е дремката. Според методот, за да се разбудите релативно свежи, треба да заспиете пред 22.00 ч. За мене, тоа е невозможно! Затоа, мора да „дремнам“ за да можам да функционирам во текот на денот. Друга модификација која ја имам направено е врз методот 60:10 кој промовира концентрирано работење на една единствена задача 60 минути, проследено со 10 минутна пауза. Ова е слично на Помодоро техниката, која пак е 45:5, што мене лично повеќе ми одговара.

Има уште еден куп практични техники и совети дадени во книгата, како и мисли, мантри и афирмации. Верувам дека доколку започнете да ја читате, со отворен ум и спремни да си го промените секојдневието, оваа книга -или барем дел од нејзините совети – ќе има ефект. Модифицирајте, адаптирајте, дури и отфрлете она што сметате дека не е по ваш крој, но земете ја оваа книга во рака. Имам уште мнооогу да зборувам за оваа книга! Уште многу работи кои ме изненадија, ме фасцинираа дури… Многу начини на кои успеав да вклопам голем број од концептите во моето „балканско“ секојдневие, и тоа – успешно! Ако сакате да прочитате повеќе – „удрете“ некое зборче во делот за коментари 🙂 .

Топло ја препорачувам книгата на сите на кои им треба промена, кои се жедни за инспирација и желни за успех. Дозволете денот да ви се насмевне, со тоа што вие ќе му се насмевнете први!

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.