Кафехоличарка

Пролетна лавина од хаос

Комбинацијата на април и мај секогаш ми била онака „блах“. Нит е зима нит е лето, а оваа година не е ни пролет. Секогаш има премногу случувања околу празниците, кои колку што се убави, толку и истоштуваат. Оваа година особено ме погодија, нема да лажам. Одамна се немав почувствувано како батериите да ми се на нула , иако апсолутно ги уживав деновите додека траеа. Но јас сум човек кој е најпродуктивен кога е во својата рутина, а секоја отстапка од неа ми задава анксиозност и немир. Почнувајќи уште во април, кога припремав еден поголем проект и морав да го адаптирам моето секојдневие околу него, почнав да се трошам. Ми недостигаше мојот секојдневен распоред на дневни задачи, кои толку убаво го имав склопено, што имав време да исполнам сè , и тоа смирено. Сепак, решена бев да го завршам овој проект на време и успеав. Одлично. Сега ќе можам да им се вратам на мојот планер, дневник… на мојот дом, работа… Оп, ете се празниците на врата! Од една страна убаво ми дојдоа, одморив од целиот напор што го вложив претходно, ама што е многу – многу е. Еден месец живеев надвор од своите секојдневни навики и навистина се почуствував изгубено.

Знам дека за многумина ова се чисти глупости и можеби се чудите како можам да се жалам од „одмор“ и „слободни денови“, но она што мора да го сфатите е следново: тој одмор, за мене значи константно излегување и дружење со луѓе кои мене ми се многу мили и драги, но паралелно на тоа значи изапоставување на домашните обврски. За време на тој одмор, сакам да поминам што повеќе време со семејството, на прошетки, патувања, но тоа остава помалку време за работа на проекти и задачи кои се неизбежни. Да не ги ни спомнувам пак непланираните настани како настинки, главоболки, дефекти во домот и слично, кои знаат комплетно да ве исфрлат од контакт, а и од баланс. Да, овие празници беа едни од тие, каде ништо не излезе како што беше планирано, а јас комплетно се изгубив во „новото секојдневие“. Она што следуваше е чувство на истоштеност, измрцвареност, недостаток на инспирација и мотивација. Ми беше тешко и сеуште се мачам, да се вратам во „колосек“. Знам што ќе речете – „таков е животот – особено животот со дете, си носи сè!“ – и тоа е точно, но тоа не значи дека јас треба да се помирам со таа реченица и да живеам во хаос – и надворешен и внатрешен. Мене ми е потребно моето “креативно време“ за да можам да се изразам и да творам. Потребно ми е за да можам да сум продуктивна на работа, да сум смирена и посветена мајка…. Кога лутам низ денот, лутам и низ мислите, а со тоа и низ животот. Го мразам тоа чувство на движење без компас!

Се најдов себе си во еден момент на комплетна летаргија. Мрзоволието и психичката премора царуваа со мојата глава и никако не можев да се натерам себе си да бидам продуктивна. Самодисциплината никогаш не била мојата јака страна, но секогаш сум се трудела, од петни жили, да бидам што е можно поверна на себе си и своите планови. Знам дека многу млади девојки и жени, многу млади мајки се соочуваат со истово – и во ред е. Сосема е во ред да се чуствувате како сè да ви бега од под нозе, како да не можете да фатите ни еден крај на јажето, како од вас да испарила целата креативност и мотивација – зошто навистина се случува тоа. Но она што мора да го запомниме, она што сега го пишувам како потсетник за себе си, е следново: вежбај ја својата волја! Не престанувајте да се „терате“ себе си да ги правите работите кои знаете дека ве прават среќни, или ќе помогнот кон креирање на едно подобро и повозвишено СЕБЕ, иако „ не ви се може“! Кога најмногу ве мрзи да станете и да ги соберете алиштата што 4ти ден се сушат и пресушуваат на балкон – скокнете од кревет – со сила! Кога сакате да го пуштите 15тото видео на јутуб, наместо да читате книга или да пишувате, или сликате, или везете… ИСКЛУЧЕТЕ ГО ТЕЛЕФОНОТ! Бидете искрени према себе си – сè што правиме колку да го „отупиме“ мозокот, само нè прави уште помрзливи и понемотивирани. Доста е! Барем мене ми е доста. Земете еден лист хартија и запишете ги сите идеи што ви се мотаат низ глава, колку и да се луди! Запишете ги сите начини на кои може да ги остварите тие идеи! На крај, напишете како вие всушност го трошите времето во денот, а на што ја трошите вашата умствена сила! Мислам дека нема да сте импресионирани од себе си и вашите секојдневни одлуки, кога ќе забележите колку идеи ви останале потопени во цуами од несредени мисли и денови, а сте можеле да исполните барем половина од нив.

Со денови се мачев да мислам што да постирам оваа недела, зошто минатите недели и блогот го запуштив. Се мачев да мислам која книга да ви ја препорачам, кои трикови да ги споделам со вас, која поетска слика да ви ја прикажам… Но ништо од тоа не ми одеше од рака – бидејќи ништо од тоа не го чуствував. Она што сакав да го кажам, она што сакав да го вриснам е ова – ова што ви го напишав. Дека и покрај сите трикови и совети – не е секој ден „пролет“. Дека има денови, често и месеци, кога се чувствувам истоштена од секојдневието, од хаосот, од тагата и несреќата која владее низ светот, од мизеријата која владее со нашето тло… Но има и денови како денес, кога едноставно мора да се стави крај! Да се објави војна на летаргијата, на мрзата, на отупувањето… да се наоружаме со сила, со полетност, со волја. Ден кога конечно ќе исполниме сè што сме запишале во планерот, кога конечно ќе ги средиме ноктите и фризурите, ќе јадеме зготвен ручек и ќе ја вратиме самодисциплната онаму каде што припаѓа – во нашите раце.

Не е лесно да се биде своето автентично јас, кога тоа јас е затрупано и скрено под лавина непотребни информации, нервози и еден огромен куп хаос, како испреплеткана вуница во вашиот мозок. Тоа ЈАС треба да блеска, да шири позитивна енергија и да расте, секој ден треба да расте и созрева малку по малку. Затоа, мора го негуваме како што најдобро знаеме и умееме – секој во свое темпо, на свој начин, но никако мрзливо, апатично и летаргично. Никако…

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.