Организација и мотивација

Како да се подготвиш за успешен ден за 10 минути

Негата за лице и шминката, отсекогаш ми биле слаба страна. Пред да станам мајка, обожавав да дремам пред огледало со саати и да се „шлакам“ со креми, маски и секако – да експериментирам со шминката. Но, пред околу година ипол сè тоа се промени. Приоритетите драстично се променија и често се наоѓав себе си да немам време ни заби да измијам (iugh gross!). Повеќето денови фрлав само вода на лице, и тоа беше тоа. Сепак, кога стигна времето да се вратам на работа, знаев дека мора да посветам повеќе време на својот изглед, пред сè заради себе си, но и затоа што мојата професија го бара тоа од мене на еден начин. Колку и да тврдиме дека најважно е она што е одвнатре, прво нешто што забележуваме кај некого не е нивната смисла за хумор, туку нивното лице. Колку и да сме зафатени и да имаме сосем други приоритети во текот на денот, сите можеме да одвоиме некоја минута за себе-грижа.

Кога дојде време да им се вратам на старите навики, сфатив дека ни оддалеку немам исто толку време на располагање за дотерување, па морав да развијам систем што би ми помогнал! Се надевам дека овие кратки совети ќе ви помогнат и вам, особено на „тазе“ мајките, кои чуствуваат грижа на совест ако земат многу време за себе оставајќи го бебето, мајките и жените кои ем работат ем активно се грижат за домот, девојките кои се растргнати помеѓу 12 проекти – работа – потенцијален дечко – и желбата за гледање серија 🙂 .

  1. Почнете ноќта пред: Изборот на облека е најмакотрпниот процес за секоја жена, пред да излезе од врата! Елиминирање веќе носени комбинации, фармерки кои се малку потесни/пошироки од посакуваното, омилената кошула на која и фали копче…. Сè ова пред 8 часот наутро?! – Не, благодарам! Ноќта, пред легнување, проверете временска прогноза и искомбинирајте еден соодветен аутфит. Кога не брзаме со сè друго, нашиот мозок полесно ги процесира работите и ваквите задачи стануваат полесни. Минимализирање на вашиот гардеробер и оплеменување со класични парчиња, кои можат да се комбинираат меѓу себе, исто така е одличен трик за заштеда на време, а бога ми и нерви!
  2. Минимизирајте ја дневната нега за кожа: Утринската рутина нека ви биде едноставна. Мојата трае 5 минути : чистење на лице со мицерална вода, нанесување масло за лице од чајно дрво со ролер од жад (jade roller) – додека се впива тоа, мијам заби. Потоа, нанесувам крема за околу очи и на крај дневна крема за лице. Тоа е тоа, без многу комплицирање, маски, пилинзи за лице и слично… Таквата нега оставете ја за викенди или вментнете ја во ноќната рутина. Секако, има исклучоци од оваа рутина, особено во „оној дел од месецот“ кога акните како мали ѕвездички никнуваат на моето лице, па бараат малку посоодветен третман. Во тој случај, гел/пена за миење лице со салицилна киселина (или друг препарат наменет за таа цел) ќе заврши работа.
  3. Шминка 2 во 1: Не бегајте од производи кои се назначени дека прават 2 работи одеднаш! Бронзер и руж во едно – ДА! Пудра со заштитен фактор за сонце – ДА! Маскара и за трепки и за веѓи – ДА! Ме разбирате што сакам да кажам… Ќе имате помалку неред во бањата, полесно ќе ги наоѓате производите, а и ќе скратите по некој чекор во шминкањето. Избегнувајте нападна шминка генерално, но особено преку ден. Сенките и вештачките трепки оставете ги за викенд, контурите и сенчењето исто така. Доволно ви е : пудра, коректор, маскара, ајлајнер, бронзер/руж и ако имате потреба од мат финиш – камена или пудра во прав. Нанесувањето на овие прозиводи, особено со соодветна четка, би требало да трае помалку од 5 минути – проверено!
  4. Сувиот шампон е вашиот најдобар пријател: Ако бирање облека е најтешкиот дел во спремањето, средувањето на косата е солидно место број 2! Особено во влажни денови, се чувствувам како секое влакно на мојата глава си тера своја политика. Тука на сцена стапува Неговото Височество – шампонот за сува миење на коса! Без разлика дали сте помеѓу миења или свежо искапани, сувиот шампон ќе ви даде структура и текстура на косата, така што ќе можете полесно и побрзо да ја обликувате! Јас лично ја пеглам косата, што во принцип ми одзема 3-4 минути, благодарение да овој пронајдок. Ова секако варира според должината и начинот на кој ја стилизирате вашата коса, но во духот на претходните чекори – држете се до едноставноста и минимализмот!

Секој си има своја рутина и нормално е „една величина да не одговара за сите“. Сепак, мислам дека минимализмот и едноставноста во секојдневието ќе ни овозможи да најдеме време за сè, без притоа да чуствуваме грижа на совест што сме одвоиле време за себе! Запамтете едно – среќна жена = среќен дом. Затоа, не плашете се да се негувате, стравувајќи од непотребно осудувачки коментари од околината. Бидете своето автентично јас, иако можеби тоа ЈАС ќе треба да научи да се спрема малку побрзо 🙂 .

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.