Кафехоличарка

Каква мајка си ти?!

Во денешно време, каде светскиот мегафон наречен „социјални мрежи“ им дава засилен глас на сите, секој има право да си каже што мисли. Ова, се повеќе се применува и во тет-а-тет секојдневието. Луѓето почнаа да се однесуваа како секој разговор да е пост во некоја си Фејсбук група и се опкаруваат со сите, па и со себе си. Од кога сите си зедовме за право да судиме туѓи животи 24/7? До толку ли ни порасна самодовербата зад тестатурата, што сега и во живо „плескаме“ што ќе ни текне, па уште се вадиме со тоа – Јас сум само искрен/а?! Или е сосем спротивното – толку се искомплексиравме гледајќи „совршени“ животи на Инстаграм, и слики на ФБ во албуми насловени „Фамилијарно во Санторини 2018та – Beautiful Perfection”, што чуствуваме потреба да компензираме во секој разговор? Која и да е причината – не чини. Не ви чини криењето зад „само сум искрена“ како изговор за вашето безобразно и впрочем, крајно некултурно однесување, особено жени спрема жени. Демек март е наш месец и ќе славиме заедно по кафани, ама кога ќе седнеме има да ти ги истурам сите мои НЕПОБАРАНИ совети за тоа како ТИ треба да го водиш СВОЈОТ живот, оти очигледно ЈАС знам повеќе од тебе.

Секако дека нема поголема таргет група за вакви „душобрижници“ од тазе мајки. Кога имаш дете, сите некако знаат како да го гледаат подобро од тебе. Ако се постари, упатуваат поконзервативни коментари, ако се помлади „понапредни“ ќе те извреѓаат ако ти си потрадиционална… Да не знаеш кому да му угодиш, а никако не смееш себе си да се послушаш. Па ти секако си новопечена мајка и појма немаш што правиш, нели?!Да не знаеш дали да плачеш или да се смееш:

Добро, каква мајка си ти што го оставаш детето цело пладне само? Па мајка си бара тоа! Маж ти сигурно заработува доволно, нема потреба ти да одиш на работа! -Да, во право си. И јас не знам што правам! Што ми требаше да одам да учам школо, па магистратури, па да градам кариера и да го учам син ми да гледа како треба да изгледа една успешна жена?! Требаше веднаш после средно да си се омажам, да си нараѓам деца и супер ќе ми беше. Маж ми нека си печали, јас не мора да имам свој денар, чуму ми е?! Секако кога седам само дома со децата не ми треба ни шминка ни облека…. Кај беше порано овај совет да ми го дадеш бе срцка!?

Добро, каква мајка си ти што му даваш да јаде готова кашичка?! Јас сè му правам домашно, ама баш сè! – Еј супер, браво! Еве ти 5ка ќе ти пишам на рачето! Правам и јас, колку што можам барем, ама во право си. Требаше овој прекрасен саботен ден, јас да го поминам замрцана во манџи и запршки. Што ќе му е на дете сонце, деца и шетање, кога може да си седи дома и да чека мајка му да спреми јадење, ама битно ќе е домашно… тоа е тоа што ќе го памети тој кога ќе порасне!

Добро, каква мајка си ти, што си седнала овде да пиеш кафе додека малото ти спие во количка?! – Абе за срамота сум знам! Како можам да си дозволам да имам потреба од излегување и муабет со другарки?! Како смеам да си дозволам да споделам со некого што ме мачи и што ме радува, а тоа да не е во домашни услови?! Го мачам детето, знам. Ене види го, спие кутрото легнато во удобна количка, покриено, мирно си спие, ама јас знам дека се мачи! Брука сум, во право си! Како смеам да се дрзнам да посакам да продолжам со мојот живот како возрасна жена, надвор од улогата на мајка, барем на 20 минути, колку што трае едно кафе-пиење?!

Добро, каква мајка си ти, со ова цртаниве што му ги пушташ на детево?! – Леле, скроз си во право! Извинете многу, што 15 минути му пуштив цртан во ресторан, за да јадеме како луѓе и ние, а и вие од страна! Извинете што слуша песнички додека трчам како улава по куќата да испеглам, суредам и да го спремам оној домашен, топол оброк од погоре во текстов! Грев е голем знам…

Она што не го знам е следново – како е сето ова ТВОЈ проблем?! Како моето гледање и воспитување на МОЕТО ДЕТЕ влијае врз тебе и твојот живот? Дали ти ќе се грижиш и нема да спиеш ноќе ако моето дете денес јадело леб и намаз наместо манџа? Дали нокти ќе гризеш ако моето дете има проблем поради гледање цртани? Дали тебе ќе те боли душата кога моето дете ќе биде болно или настинато?! Дали ти од срце ќе се радуваш и ќе потскокнуваш кога моето дете слободно трча и игра надвор, и стекнува другарчиња и брка птици и пеперутки?! НЕ! Ништо од ова ТИ нема да направиш! Но, она што ќе го почуствуваш, таа надменост „Ете и кажав јас неа како се гледа дете“, можеби ќе ја исполни празнината во твојата душа, ќе го подзалечи тој комплекс што го влечеш како куфер по тебе, и можеби ќе ти го разубави и онака мрачниот ден. Нејсе… Ќе ве сослушам јас, така сум воспитана, ќе ве сослуша и другата и третата со која ќе ја споделите вашата „мудрост“, но немој да мислите дека ве послушуваме! Не мислете си дека вие сте некаков фактор во нашето воспитување на нашите деца! Непобаран совет е полош од непоканет гостин! Чувајте си ги неискрените коментари за вас и терајте си го сопствениот живот според вашата филозофија, а нас оставете нè на мир! Знам дека имате уште илјада и еден коментар да кажете, од типот: „Не го доиш веќе!? Ама зошто!?“ или „Во градинка планираш да го носиш?! Ќе ти го баталат детето!“ или за вас најважното „Малиот мој кога беше на таа возраст веќе цели псалми рецитираше/ камион возеше/виолина свиреше…“ и слично. Супер за вашето дете, нека продолжи така, такви деца ни требаат! Деца што ќе знаат да се надградуваат себе си, а не што ќе учат како да „солат памет“ на други!

Напишете коментар

Please log in using one of these methods to post your comment:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.